Автор: admin7
Разлади се со добра книга
Летото е совршено време да се обвиткате (или можеби разладите) со добра книга
Летото веќе е тука и конечно можете да се одморите од сите обврски. Сега имате повеќе време за себе и за сѐ она што сакате да го правите. Секое време е најдобро време за читање. Но, летото е совршено за да го вклучите читањето како број еден активност за уживање. Освен што го подобрува здравјето, добрата книга е најдобриот начин да ги поминете топлите денови.
Еве зошто летото изгледа практично создадено за да се изгубите во одлични книги.
Летото е време за одмор
Ако пролетта е за нов раст, летото е за да оставите сѐ да порасне. Затоа треба да ги оставиме работите да растат и да цветаат, а заедно со нив и ние. Време е да се насочиме и на сопствениот раст и развој. А најдобра активност за тоа е да прочитаме нова книга.
Летото е време за сонување
Летото е природната пауза меѓу пролетта и есента, па затоа и совршено време за сонување. Што сакате да ви се исполни наесен? Какви соништа и цели посакавте во пролетта, а сега чекате да пораснат? Со книгите сонувате. Кога читате, влегувате во измислен свет. Доживувате работи што не се во вашиот секојдневен живот. Затоа, ако сакате да сонувате, книгата е вашиот совршен сојузник.
Летото е време за љубов
Се сеќавате на летните романси? Како помлади, немаше подобро време за романса од летото. Дури и како возрасни секогаш ги спојуваме летото и романсата заедно. А нема подобар начин да ги доловиме тие емоции отколку на страниците на љубовните книги.
Летото е време за релаксација
Летото значи топло време. Во ваквите, понекогаш жешки денови, нема ништо подобро од добра ладовина. Затоа седнете под некое дрво или заштитен чадор, земете си ладен пијалак и прочитајте добра книга. За момент, замислете дека сте јунакот во приказната, и појдете во авантура!
Летото е време за бегство
Или совршено време за патување. Без разлика дали сме на море, езеро, планина или покрај базенот, во дворот – ни треба добра книга. И да не одиме никаде, со книгата може да заминеме на најинтересните патувања.
Затоа сѐ што треба да направите ова лето е да се опуштите и да се разладите со добра книга. Ќе наидете на книги чии страници толку цврсто ќе ве обземат. Ќе стигнат до сите ваши сетила, така што ќе добиете чувство дека сте дел од приказната. Изберете ја „“, дозволете вашите соништа да достигнат височини, вашите цели да се развиваат. И наесен соберете ги плодовите од сопствениот раст.
Уживајте во своето летно читање!
Жестоко комплициран и фантастично читлив роман
Букерова награда – 1987 г.
Романот на Пенелопи Лајвли „Месечевиот тигар“ според многубројните критики е еден од најдобрите добитници на наградата Букер. Злобниот, остар хумор и очаен копнеж, прави оваа книга да биде толку извонредна. Па така, додека ја читате имате чувство дека гледате низ калеидоскоп во срцето на оној што седи спроти вас.
Совршена приказна за личните сеќавања
Иако во овој роман Лајвли исфрлила многу од вообичаените правила, тоа не го направила на штета на старомодното раскажување приказни. Ова е една моќна и трогателна приказна во која животите и карактерите се обликувани според личните сеќавања и колективното минато. Со својот стил на пишување Лајвли успева да предизвика длабоко емоционално задоволство кај читателот. Прекрасниот наратив читателот го вовлекува во приказната, го привлекува и го изненадува. Остава траги уште долго откако ќе го прочитате, бидејќи постои вклучена светлина што ве води низ темнината, сè до крајот.
Приказната го следи главниот лик, Клодија Хемптон, историчарка во своите седумдесетти години која умира од рак. Од нејзиниот болнички кревет, Клодија се присеќава на целиот свој живот. А најсвежи се сеќавањата на настаните што го обликувале и личностите кои му дале смисла на нејзиниот живот. Се запознаваме со Гордон, нејзиниот омилен, брилијантен брат, со кој опсесивно се натпреварува; нејзината несакана ќерка Лиса; со нејзиниот долгогодишен љубовник Џаспер, Том, нејзината голема љубов, и најдена и изгубена за време на војната во Египет. Но, се чини дека она што фасцинира е ликот на Клодија. Борбена, самоуверена, независна, себична – поседува многу од оние работи што се сметаат за доблести кај мажите, а слабости кај жените. Таа не е ничија „сопруга“ туку самоуверено влегува во сите ситуации и ужива во славата, сексуалната слобода и финансиската независност.
Симболиката на Месечевиот тигар – кога најсилно гориме, всушност умираме
Месечев тигар, како што е и насловот на книгата, е всушност зелена спирала која бавно гори цела ноќ. На тој начин ги одбива комарците, претворајќи се во сива пепел. Во овој роман тоа е центарот на вниманието бидејќи се наоѓа меѓу двајцата љубовници – Клодија и Том. Дејството се случува во една од нивните последни ноќи заедно во Каиро за време на Втората светска војна. Том треба да се врати на фронтот – и на смртта – а двајцата речиси и да немале време да се запознаат. Калемот гори додека Клодија се обидува да го зачува Том во своите мисли, убедувајќи го да ѝ го раскаже својот живот. Спиралата е целосно изгорена и претворена во пепел во чинијата. Во тој момент останува да сведочи за немилосрдното поминување на времето, за кревкоста на сеќавањето, минливоста на животот. Но најмногу за фактот дека дури и кога најсјајно гориме, всушност, умираме.
„Месечевиот тигар“ е роман за чувствата. Клодија успева да создаде свој живот и да постигне успех по смртта на Том. Никогаш не зборува за него, а сепак тој останува присутен во сè што прави таа. Клодија продолжува понатаму, преживува, и се справува со болката стоечки. Но, времето ја оддалечува сè подалеку од него иако не може никогаш да го заборави.
Како што вели и самата авторка во едно интервју, книгата го претставува нејзиното одбивање на линеарната меморија. Според Лајвли: „Во нашите глави сè се случува одеднаш. Минатото е создадено од многу слајдови, и секој од нив може да излезе на површината во секој момент. Некои од нив се заспани, а други чекаат да се појават и да ве изненадат“.
Историјата на светот низ личното искуство
Романот има широк опсег и поставува длабоки филозофски прашања за сеќавањето, историјата, личното наследство. Преку интимните животи на луѓето, во време на мир и војна, Лајвли ни дава многу личен став за историјата. На почетокот се навестува дека ова ќе биде роман за историјата на светот. Но, како што нѐ води понатаму низ содржината дознаваме дека ова е историјата на светот со сите нејзини тајни. Затоа овој роман и е толку фасцинантен за читање.
Зошто читањето сега е поважно од кога било?
Оваа пандемија во целост ни ги смени животите и бевме принудени да се навикнеме на еден нов начин на живот. Да прифатиме поинаква нормалност. Моравме да прифатиме дека не работат театрите, кината, дека нема концерти, книжевни вечери, изложби. Никогаш не помисливме дека културните настани ќе се откажат и ќе се префрлат на онлајн платформите.
Сепак, едно нешто не беше откажано, а тоа е читањето.
Читањето може да биде забавно, едукативно, неизвесно, но исто така е познато дека помага и во намалување на стресот. Дали сте чуле за терминот библиотерапија? Употребата на пишаниот збор за одржување на менталното здравје, и кај возрасните и кај децата, е позната со векови.
Во овој тежок период преполн со предизвиците на новото време, преку книгите добиваме можност да избегаме од бремето на секојдневието. Секојдневие кое никогаш не го посакувавме, а моравме да се фокусираме на еден поинаков свет, надвор од нашиот. Преку книгата можеме да искусиме приказни и идеи што ги поминуваат границите на нашето сопствено размислување. Впивајќи ги мислите на ликовите, можеме да видиме нова и сосема поинаква перспектива на светот. Тоа ќе нѐ направи поемпатични, со поголемо разбирање за сите околу нас – што во новата реалност е повеќе од потребно. Стануваме посочувствителни и кон другите но и кон себеси, согледувајќи ги сопствените искуства од поинаков агол. Во ваков тежок период, да бидеме трпеливи кон себеси и кон другите, значи подобро да се справиме со непозната иднина.
Читањето е еден од најдобрите начини децата да се справат со тешкотиите
По повеќе од една година на виртуелно училиште и пандемиски стрес, ниту децата не останаа поштедени. Многу семејства мораа да се прилагодат во сите аспекти од животот. Тоа емоционално влијаеше врз децата, и семејствата мораа да наоѓаат решенија за справување со промените. Непредвидливоста направи децата постојано да се прашуваат дали ќе тргнат на училиште, дали ќе можат да организираат роденденска забава…
И тука се покажа дека книгите можат да бидат моќни алатки токму во процесот на справување со измешаните емоции. Зошто? Бидејќи измислените светови можат да им помогнат на децата да се справат со реалните проблеми. По долгиот период оддалеченост од пријателите, книгите, всушност, ќе им помогнат на децата да се носат со чувството на осаменост. Преку книгите ќе научат да уживаат во сопственото друштво – да се пронајдат во приказните преполни со оптимизам и храброст. Бидејќи кога децата ќе се препознаат себеси меѓу страниците, чувството е охрабрувачко. Книгите им даваат на децата чувство на моќ.
Вистинската книга во вистинското време
Се чини дека единствениот лек за лошите и вознемирувачки вести, за „она што нѐ очекува“ се наоѓа во добрата книга. Губењето во страниците не е само лично бегство, туку механизам за справување со времето што го доживува нашата култура.
Затоа читањето никогаш не било толку попотребно и поважно од сега. Доволно е само една книга за да ве пренесе во поинакво време и да ви покаже илјадници нови патишта.
Практични прирачници за развој на успешен бизнис
Мотивирани вработени = задоволни клиенти = успешен бизнис
Што е потребно за еден бизнис да биде успешен?
Успешен бизнис, кој постојано се развива и расте, е цел на секој менаџер. Но кои се факторите кои доведуваат до тоа? Одговорот на ова прашање е далеку од едноставен и опфаќа повеќе области кои меѓусебно се поврзани. Сепак, неодамна објавените практични прирачници на Анита Алексова може да помогнат за развој на успешен бизнис. Анита е бизнис-креатор кој со своето искуство и знаење помага во поттикнувањето на растот и развојот на деловните процеси. Притоа го поттикнува нивно унапредување со нови свежи идеи и решенија. Идејата за овие прирачници првично се јавува од секојдневните практики и работење. Потоа следи и соочувањето со безброј проблеми и предизвици кои постојано нè мотивираат да се направи нешто подобро за уште поголем успех во иднина.
Практични прирачници во електронско издание
Имајќи на ум дека менаџерите имаат брзо темпо на живот, интересно и позитивно е тоа што авторот одлучил овие практични прирачници да бидат електронски изданија. Ова е многу добро промислено од практичен аспект. На тој начин, во секое време и секаде имате пристап до информации кои ви се потребни од одредена тематика, преку практични примери и заклучоци, со само неколку клика на вашиот паметен уред.
Подобра продажба и зголемена конкурентност преку градење квалитетна услуга води кон успешен бизнис
Добрата позиција на пазарот и препознатливиот имиџ на компанијата се клучните фактори за зголемена продажба на услугите што ги нуди една компанија. Тука спаѓа и користење маркетинг микс од разни елементи директно поврзани со пазарот каде услугата се пласира. Првенствено, одлика на добра услуга е таа да може да ги задоволи потребите, но и очекувањата на постојните и потенцијалните купувачи. Таа треба да биде јасно дефинирана со цел купувачите да знаат што може да очекуваат од неа при процесот на купување.
Задоволен клиент е лојален клиент
Задоволството и лојалноста на клиентите е тоа што ѝ носи профит на компанијата. Затоа од суштинско значење е да се мери нивното задоволство и со самото тоа нивната лојалност. Прирачникот „Продажба и маркетинг на услуги“ содржи практични информации зошто е важно да се биде во постојана интеракција со околината, да се следат сите промени, како и за важноста да се биде флексибилен во односот со клиентите. Градењето на поквалитетна услуга е значајно за една компанија. Тоа ја подобрува нејзината конкурентска предност и профитабилност, како и лојалност, што претставува клуч за успех во бизнисот.
Мотивирани вработени – клучен фактор за развој на успешен бизнис
Уште еден важен фактор за успешно работење и развој на компаниите е мотивацијата на вработените. Мотивација на различни начини што директно е поврзано со поголема конкурентност и успех во бизнисот. Прирачникот „Улогата на менаџментот врз зголемувањето на мотивацијата на вработените“ нуди практични примери за начините со кои можете да ги поттикнете и мотивирате вработените со цел да постигнат подобри резултати во работењето. Тука спаѓа ефективно искористување на работните часови, учество во дефинирање на задачите, но и постојана доедукација и обука. На тој начин вработените придонесуваат за раст и развој на компанијата. Како резултат, тие директно влијаат врз конкурентноста на компанијата и зголемување на профитот.
Практични прирачници за развој на успешен бизнис како задолжителна литература за сите видови менаџери во секоја компанија.
Анита Алексова е автор и експерт со повеќе од 13 години искуство. Таа е фокусирана да помогне во развојот и напредокот на микро, малите и средни претпријатија преку маркетинг и менаџмент дисциплини. Дополнително, вклучувајќи ја контролата и управувањето со финансиите како клучен фактор во одржување и раст на бизнисите на пазарот.
Вонземјанинот од наше маало
„Вонземјанинот од наше маало“ – авантуристички научнофантастичен роман
„Но што ако тие се тука? Меѓу нас. И што ако можеби ние сме вонземјани?“
„Вистината во приказните не е во тоа што кажуваат дека постојат чудовишта, туку дека чудовиштата можеме да ги победиме“, парафразирано од Нил Гајман.
Таа е повлечено девојче што сака да минува најмноу време во својот замислен свет на вселенски патувања. Тој фантастичен свет е исполнет со егзотични и мистични авантури и блиски средби со опасноста.
Внимавај што посакуваш, зашто тоа може да стане реалност!
Истражувајќи траги од загубено вонземско летало, таа влегува во замка подготвувана пред илјадници години, од древнина. Времето истекува. Опасноста не се приближува. Таа веќе е тука!
Кога ние ги пративме кон нив Војаџер 1 и Војаџер 2, тие пратија нешто далеку поголемо кон нас. И со различна мисија…
Мистерии на Космосот… Мудрости од ѕвездениот систем…
Дали некогаш чувствуваш како да не припаѓаш овде? Дали навечер гледаш во ѕвездите и те фаќа носталгија за далечните галаксии? Ако е така, не си единствена! Добредојде во клубот на посетителите!
Која е тајната на постоењето? Мистериите на Космосот и неговото настанување?
Дали е можна брзина поголема од онаа на светлината?
Мудростите од ѕвездениот систем Алгол што ги имаме слушнато од џедај-мајсторите!
Што крие Областа 52 во Америка?
Може ли навидум обично девојче да се избави од заканата од далечна планета?
Зошто не треба да криете тајна пред родителите?!
Роман што ќе ве тера да ги вртите страниците и ќе ве држи напнати до крај.
Ова е книга за мистериите на Космосот и за здравиот разум, но и за другарството и љубовта. Степенот на афинитет, љубов = на желбата две души да завземат ист простор. Затоа ги гушкаме оние што ги сакаме. <3
ПРОЧИТАЈ ЈА ВЕДНАШ! НАРАЧАЈ ГО „ВОНЗЕМЈАНИНОТ“!