Зошто читањето сега е поважно од кога било?
Оваа пандемија во целост ни ги смени животите и бевме принудени да се навикнеме на еден нов начин на живот. Да прифатиме поинаква нормалност. Моравме да прифатиме дека не работат театрите, кината, дека нема концерти, книжевни вечери, изложби. Никогаш не помисливме дека културните настани ќе се откажат и ќе се префрлат на онлајн платформите.
Сепак, едно нешто не беше откажано, а тоа е читањето.
Читањето може да биде забавно, едукативно, неизвесно, но исто така е познато дека помага и во намалување на стресот. Дали сте чуле за терминот библиотерапија? Употребата на пишаниот збор за одржување на менталното здравје, и кај возрасните и кај децата, е позната со векови.
Во овој тежок период преполн со предизвиците на новото време, преку книгите добиваме можност да избегаме од бремето на секојдневието. Секојдневие кое никогаш не го посакувавме, а моравме да се фокусираме на еден поинаков свет, надвор од нашиот. Преку книгата можеме да искусиме приказни и идеи што ги поминуваат границите на нашето сопствено размислување. Впивајќи ги мислите на ликовите, можеме да видиме нова и сосема поинаква перспектива на светот. Тоа ќе нѐ направи поемпатични, со поголемо разбирање за сите околу нас – што во новата реалност е повеќе од потребно. Стануваме посочувствителни и кон другите но и кон себеси, согледувајќи ги сопствените искуства од поинаков агол. Во ваков тежок период, да бидеме трпеливи кон себеси и кон другите, значи подобро да се справиме со непозната иднина.
Читањето е еден од најдобрите начини децата да се справат со тешкотиите
По повеќе од една година на виртуелно училиште и пандемиски стрес, ниту децата не останаа поштедени. Многу семејства мораа да се прилагодат во сите аспекти од животот. Тоа емоционално влијаеше врз децата, и семејствата мораа да наоѓаат решенија за справување со промените. Непредвидливоста направи децата постојано да се прашуваат дали ќе тргнат на училиште, дали ќе можат да организираат роденденска забава…
И тука се покажа дека книгите можат да бидат моќни алатки токму во процесот на справување со измешаните емоции. Зошто? Бидејќи измислените светови можат да им помогнат на децата да се справат со реалните проблеми. По долгиот период оддалеченост од пријателите, книгите, всушност, ќе им помогнат на децата да се носат со чувството на осаменост. Преку книгите ќе научат да уживаат во сопственото друштво – да се пронајдат во приказните преполни со оптимизам и храброст. Бидејќи кога децата ќе се препознаат себеси меѓу страниците, чувството е охрабрувачко. Книгите им даваат на децата чувство на моќ.
Вистинската книга во вистинското време
Се чини дека единствениот лек за лошите и вознемирувачки вести, за „она што нѐ очекува“ се наоѓа во добрата книга. Губењето во страниците не е само лично бегство, туку механизам за справување со времето што го доживува нашата култура.
Затоа читањето никогаш не било толку попотребно и поважно од сега. Доволно е само една книга за да ве пренесе во поинакво време и да ви покаже илјадници нови патишта.