Како да ја одберете вистинската книга за читање?
Изборот на книга е многу важен. Тоа може да ве претврои во читател со пасија или пак – во нечитател.
Во денешно време посебно, сите имаме малку време да си посветиме на хобијата и на себеси, па затоа многу е важно да се научите да бидете пребирливи, но позитивно.
Ова се критериумите кои треба да ги земете предвид кога ја избирате книгата што следна ќе ја читате:
Автор
Ова за многумина е првата препорака. Слично како и кога одбираме филм, така и во книжевноста ги бираме насловите на основа на претходното искуство со одреден автор.
Веќе знаеме дали нечиј стил ни одговара или не, па многу ретко може да погрешиме и да се доведеме во ситуација да се „мачиме“ читајќи.
Критика
Голем број на луѓе се одлучуваат за одреден наслов (или не) врз база на критиките. Секако, со тоа што некој наслов има многу добри критики не е неопходно вам да ви се допаѓа. Затоа, гледајте и од која група на луѓе доаѓаат добрите или лоши критики.
Тематика
Веруваме дека ова е најдобриот параметар за избор на книга. Ако имате жанр кој го преферирате, држете се до него.
Постојат и периоди во животот кога од одредени причини не сме расположени за одредена тема – можеби ја сметаме за потресна или премногу тешка.
Покрај тоа, имајте на ум дека книгите ни се еден своевиден прирачник во животот од кој учиме одредени вештини, па книгите може да ве привлечат или одбијат зависно од ситуацијата во која се наоѓате во моментот.
Препорака
На секому му се случило да се одлучи за некој наслов врз основа на нечија препорака. Тоа е сосема во ред доколку личноста добро ве познава и ги дели Вашиот сензибилитет и Вашите интереси.
Во спротивно, ова може да е комплетно промашување.
5 книги кои се одличен празничен подарок
Книгата е најдобар подарок – и тоа е сè што имаме да кажеме на тема новогодишни подароци.
Можеби во целата декемвриска гужва немате многу време и трпение да шетате по продавници и излози, па затоа направивме мини селекција од 5 книги со кои не можете да погрешите.
Подарувањето на книга не е само убав чин. Подарувањето книга е добра идеја, отворање на нови видици и хоризонти, можност за нови сознанија…
Посакајте „среќни празници“ со овие 5 приказни на хартија:
„Без плачење“ – идеална за емотивците во Вашиот живот
Овој роман е напишан според приказните кои авторката ги слушнала од нејзината мајка, а се однесуваат на Граѓанската војна во Шпанија.
Приказната ја водат 15-годишната Монсе, која се наоѓа на крстосница и треба да избере меѓу семејството и револуцијата, должноста и љубовта, и Жорж Бернанос, писател кој со свои очи сведочи за сите братоубиства кои оваа војна го носи со себе.
„Духот во син кадифен фустан“ – за сите кои сакаат трилери и возбудливи приказни
„Девојчето стоеше до прозорецот, гледаше во лавандата, нејзиното мало бело лице беше сериозно. „Здраво,“ рече Џејн храбро. Девојчето се сврте бавно, малку се насмевна… и исчезна“.
Трогателна, забавна и здраворазумна приказна во која ќе потонете од првата страница.
„Месечевиот тигар“ – за луѓе кои сакаат да се навраќаат на спомените
Клодија Хемптон, убава, позната писателка, е на смртна постела во болница. Но, како што медицинските сестри ѝ приоѓаат со тивка љубезност, таа го смислува нејзиното најдобро дело: „историја на светот… а, во исто време, и моја“.
Постепено таа одново го создава богатиот мозаик на нејзиниот живот и време, повикувајќи ги оние што ги познавала.
Приказна преку која ќе нурнете во еден туѓ живот и ќе ги преживеете сите авантури заедно со писателката на делото.
„21 зошто и само едно како“ – за луѓето кои сакаат да го „одгатнат“ животот
Зошто престанавме да веруваме?
Зошто сме сè повеќе нестрпливи?
Зошто постојано се грижиме?
Зошто сме сè помалку среќни?
Зошто поразот треба да се прифати како одлична лекција?
И уште ред прашања на кои одговорите ќе ги најдете во ова фантастично дело, кое се чита во еден здив.
„Мисија 1“ и „Мисија 2“ – идеален комлпет за љубителите на романи
Мисија… во потрага по љубовта… во потрага по тајната… Мистерија, возбуда, научна фантистика.
Два одлични романи од домашен автор, кои ќе ви го задржат вниманието до самиот крај.
Жестоко комплициран и фантастично читлив роман
Букерова награда – 1987 г.
Романот на Пенелопи Лајвли „Месечевиот тигар“ според многубројните критики е еден од најдобрите добитници на наградата Букер. Злобниот, остар хумор и очаен копнеж, прави оваа книга да биде толку извонредна. Па така, додека ја читате имате чувство дека гледате низ калеидоскоп во срцето на оној што седи спроти вас.
Совршена приказна за личните сеќавања
Иако во овој роман Лајвли исфрлила многу од вообичаените правила, тоа не го направила на штета на старомодното раскажување приказни. Ова е една моќна и трогателна приказна во која животите и карактерите се обликувани според личните сеќавања и колективното минато. Со својот стил на пишување Лајвли успева да предизвика длабоко емоционално задоволство кај читателот. Прекрасниот наратив читателот го вовлекува во приказната, го привлекува и го изненадува. Остава траги уште долго откако ќе го прочитате, бидејќи постои вклучена светлина што ве води низ темнината, сè до крајот.
Приказната го следи главниот лик, Клодија Хемптон, историчарка во своите седумдесетти години која умира од рак. Од нејзиниот болнички кревет, Клодија се присеќава на целиот свој живот. А најсвежи се сеќавањата на настаните што го обликувале и личностите кои му дале смисла на нејзиниот живот. Се запознаваме со Гордон, нејзиниот омилен, брилијантен брат, со кој опсесивно се натпреварува; нејзината несакана ќерка Лиса; со нејзиниот долгогодишен љубовник Џаспер, Том, нејзината голема љубов, и најдена и изгубена за време на војната во Египет. Но, се чини дека она што фасцинира е ликот на Клодија. Борбена, самоуверена, независна, себична – поседува многу од оние работи што се сметаат за доблести кај мажите, а слабости кај жените. Таа не е ничија „сопруга“ туку самоуверено влегува во сите ситуации и ужива во славата, сексуалната слобода и финансиската независност.
Симболиката на Месечевиот тигар – кога најсилно гориме, всушност умираме
Месечев тигар, како што е и насловот на книгата, е всушност зелена спирала која бавно гори цела ноќ. На тој начин ги одбива комарците, претворајќи се во сива пепел. Во овој роман тоа е центарот на вниманието бидејќи се наоѓа меѓу двајцата љубовници – Клодија и Том. Дејството се случува во една од нивните последни ноќи заедно во Каиро за време на Втората светска војна. Том треба да се врати на фронтот – и на смртта – а двајцата речиси и да немале време да се запознаат. Калемот гори додека Клодија се обидува да го зачува Том во своите мисли, убедувајќи го да ѝ го раскаже својот живот. Спиралата е целосно изгорена и претворена во пепел во чинијата. Во тој момент останува да сведочи за немилосрдното поминување на времето, за кревкоста на сеќавањето, минливоста на животот. Но најмногу за фактот дека дури и кога најсјајно гориме, всушност, умираме.
„Месечевиот тигар“ е роман за чувствата. Клодија успева да создаде свој живот и да постигне успех по смртта на Том. Никогаш не зборува за него, а сепак тој останува присутен во сè што прави таа. Клодија продолжува понатаму, преживува, и се справува со болката стоечки. Но, времето ја оддалечува сè подалеку од него иако не може никогаш да го заборави.
Како што вели и самата авторка во едно интервју, книгата го претставува нејзиното одбивање на линеарната меморија. Според Лајвли: „Во нашите глави сè се случува одеднаш. Минатото е создадено од многу слајдови, и секој од нив може да излезе на површината во секој момент. Некои од нив се заспани, а други чекаат да се појават и да ве изненадат“.
Историјата на светот низ личното искуство
Романот има широк опсег и поставува длабоки филозофски прашања за сеќавањето, историјата, личното наследство. Преку интимните животи на луѓето, во време на мир и војна, Лајвли ни дава многу личен став за историјата. На почетокот се навестува дека ова ќе биде роман за историјата на светот. Но, како што нѐ води понатаму низ содржината дознаваме дека ова е историјата на светот со сите нејзини тајни. Затоа овој роман и е толку фасцинантен за читање.