Месец: м.г
Како да ја одберете вистинската книга за читање?
Изборот на книга е многу важен. Тоа може да ве претврои во читател со пасија или пак – во нечитател.
Во денешно време посебно, сите имаме малку време да си посветиме на хобијата и на себеси, па затоа многу е важно да се научите да бидете пребирливи, но позитивно.
Ова се критериумите кои треба да ги земете предвид кога ја избирате книгата што следна ќе ја читате:
Автор
Ова за многумина е првата препорака. Слично како и кога одбираме филм, така и во книжевноста ги бираме насловите на основа на претходното искуство со одреден автор.
Веќе знаеме дали нечиј стил ни одговара или не, па многу ретко може да погрешиме и да се доведеме во ситуација да се „мачиме“ читајќи.
Критика
Голем број на луѓе се одлучуваат за одреден наслов (или не) врз база на критиките. Секако, со тоа што некој наслов има многу добри критики не е неопходно вам да ви се допаѓа. Затоа, гледајте и од која група на луѓе доаѓаат добрите или лоши критики.
Тематика
Веруваме дека ова е најдобриот параметар за избор на книга. Ако имате жанр кој го преферирате, држете се до него.
Постојат и периоди во животот кога од одредени причини не сме расположени за одредена тема – можеби ја сметаме за потресна или премногу тешка.
Покрај тоа, имајте на ум дека книгите ни се еден своевиден прирачник во животот од кој учиме одредени вештини, па книгите може да ве привлечат или одбијат зависно од ситуацијата во која се наоѓате во моментот.
Препорака
На секому му се случило да се одлучи за некој наслов врз основа на нечија препорака. Тоа е сосема во ред доколку личноста добро ве познава и ги дели Вашиот сензибилитет и Вашите интереси.
Во спротивно, ова може да е комплетно промашување.
7 причини ЗА да почнете да читате електронски книги
Електронски книги – може да ги преземете на вашиот преносен лаптоп, таблет или смартфон и да не се ограничувате кога и каде читате.
Години наназад трае расправата за предноста и маните на електронските наспроти печатените книги и иако нема да заземаме страни, овојпат ќе ви предложиме неколку наслови кои се достапни за електронско читање.
Нивното преземање и купување е едноставно и не треба да се поместите од удобноста на домот, за да стигнете до насловот и информацијата која ја сакате.
Електронските книги ги добивате веднаш и почнувате со читање само за неколку секунди.
Кога барате одредена информација, многу полесно е да ја најдете вртејќи по екранот, наместо вртејќи по страниците.
Електронските книги, исто така не заземаат физички простор. Практично – не ви треба цела полица која ќе собира прашина.
Во денешно време е-книгите може да се читаат во автобус, додека патувате до работа или на нешто подалечни патувања. Многу полесно е да свртите неколку страници, дури и кога не сте имале намера да читате.
Достапни се 24 часа дневно, секој ден од годината, независно дали ги купувате од канцеларија, дома или некаде подалеку.
И онака веќе поминувате премногу време пред електронските уреди, па зошто да не го пренасочите тоа време на читање нешто квалитетно?
ТУКА ќе ги најдете нашите предлози за е-книги, од домашни автори до белетристика, па дури и до стручна литература.
Како да создадете навика за читање?
Ако веќе некое време си го давате изговорот „немам време за книга,“ веројатно треба да ги промените секојдневните навики.
Кога имате силна желба, но немате време во денот, овие совети нека ви послужат како водич да изградите здрава навика за почесто читање:
- Имате време за читање, само тоа не ви е приоритет. Прифатете дека сосема е во ред да не сакате да читате. Сега, оваа недела или овој месец – во ред е. Ако ви се прави нешто друго, светот нема да пропадне. Само бидете искрени.
- Откажете се од идејата дека читањето е нешто што мора да се прави на долги временски интервали. Ако и вие сте од оние луѓе кои велат „ако почнам, нема да можам да ја оставам книгата, па затоа не почнувам“ еве едно прашање за размислување: Што има повозбудливо од исчекувањето? Додека ги вртите палачинките за вечера – прочитајте 3 страни. Едно вртење – пола прочитана страница.
- Оставете го телефонот во другата соба. Светот нема да пропадне ако не се јавите половина час. Многу подобро ќе се задлабочите во приказната и ќе ги памтите случувањата, ако престанете да ги гледате нотификациите.
- Не мора да читате секој ден, ако не сакате. Секако секојдневно читате по нешто – постови, вести, огласи, пораки…
- Не треба да се врзувате временски со читањето. Понекогаш може да читате со утринското кафе, а понекогаш и пред спиење. Дисциплината е супер, но додека ви претставува задоволство.
- Барајте многу препораки за книги. И не мора да ја почнете секоја книга која ќе ви ја препорачаат. Читајте го само она што ви звучи интересно.
- Не се споредувајте со другите – ниту треба да ве лути што некој има време да прочита 100+ книги годишно, ниту пак да напаѓате некој кој има желба да прочита само 4 наслови во годината.