Конкурс за дизајн на корица – „Буниште од емоции“
Сè во животот е сместено меѓу две крајности, две дуалности, меѓу две „лепчиња“ кои ја спојуваат душата, емоцијата, чувството, но и опипливото, дофатливото. Главните ликови во книгата „Буниште од емоции“, Том и Венис, во своето двомесечно интензивно човеково доживување, ги минуваат сите Сцили и Харибди на љубовта, но не доволно вешто за да минат на повисокото ниво на восхитување. Љубовта е таа која ги раздвојува нивните Души, кои како Сонце и Месечина постојано го креираат нивното животно патешествие. Но, тоа не е крај. Тие си ветуваат дека постојано ќе останат во комуникација на енергетско ниво. Дали физички ќе бидат (за)едно, ќе покаже времето изразено во човекова димензија.
Мал дел од воведот на книгата вели:
„Отпад. Рај за „изгубени души“. Венис шеташе по распарчените делови. Трагаше по светлината. Цела зима не успеваше да најде нешто што го посакуваше нејзината душа. Се препелкаше низ натрупаните нематеријали. Со десната рака се придржуваше да не се струполи. Со левата рака, креваше и создаваше простор. Неуморно, како Диоген, секој ден бараше парче светлина во душата на човекот. Едно утро, прогледа. Низ клучалката на душата виде грст светлина. Нешто го осветли нејзиното слепило. Го пронајде Изворот на животот. На енергијата. На внатрешното „чи“. Со еден збор, го наслови како Том. Беше пријатно вознемирена“.
Не случајно Том и Венис ги добија овие имиња. Венис беше отелотворение на Верата, Енергијата, Надежта, Искрата и Среќата во животот. Том беше самиот живот кој почнуваше со Татнеж, преку Осмислување до крајниот Мир. Затоа што сè во животот има значење. Но, уште позначајно е да се открие значењето. Читателот ја има можноста, низ симболизмот, да проткае во турбулентното секојдневие на двете Души. Тие се заедно, иако се раздвоени. Миговите кои ги минат заеднички, се експлозивни и полни со живост. Моментите кога се раздвоени, Универзумот ги спојува нивните енергии.
И Венис и Том ја отсликуваа реалноста на живеењето. Секогаш како две крајни лепчиња спојуваа содржини кои го чинеа животот на ова парче душа. Сè додека еден ден, умесниот багер, отелотворен во семоќниот Архитект, не го расчисти просторот за да го реализира својот план. Оној кој на ова место ќе „засади“ нови души. Ќе ја продолжи Иднината. Ќе си ги поправи грешките на Минатото. И конечно, ќе ја живее Сегашноста.
Кога ќе се измореше од потрагата, своите ЖЕЛБИ ќе ги предадеше на МЕСЕЧИНАТА и наутро, ги пречекуваше ПОРАСНАТИ на едниот крак од СОНЦЕТО. Спиеше мирно, знаејќи дека еден ден токму од овие искри, останати од притисокот на струполената ДУША, како феникс ќе се роди ново УТРЕ. Надеж… Затоа што беа архитекти-талкачи по светот.